ЗЛЦПДП - ВЕЛЕС

🦽 Инклузивното здравство како заедничка институционална обврска

Во Собранието на РМ се одржа настанот „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, организиран од партнерските организации Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености-Велес, Порака-Неготино и Еко-Живот-Кавадарци, во рамки на проектот „Соочување со предизвиците и стигматизацијата“, финансиски поддржан од Швајцарската Влада преку Civica Mobilitas, како проектна активност реализирана во соработка со Интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Zeta Disability.
👥 На настанот присуствуваа околу 120 учесници, меѓу кои Министерот за здравство, директорот на Фондот за здравствено осигурување, пратенички, претставници на институции, граѓански организации и семејства на лица со попреченост. Присуството и активното учество потврдија дека ова прашање бара координиран и сериозен институционален пристап.
Во рамки на настанот беа презентирани наоди од анализата за системските предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост при остварување на правото на здравствена заштита, како и конкретни предлози за унапредување на постојните политики.
📌 Клучни заклучоци:
▪️ Обезбедување платен придружник на товар на Фондот за здравствено осигурување при болнички престој и бањско-климатско лекување, кога тоа е неопходно поради попреченоста
▪️ Овозможување користење на правото на бањско-климатско лекување повеќе од еднаш годишно, согласно медицинската состојба и индивидуалната проценка
▪️ Воспоставување мрежа на регионални рехабилитациони центри за лица со попреченост, со цел достапни, континуирани и квалитетни услуги поблиску до местото на живеење
⚙️ Предложени мерки за системско унапредување:
▪️ Ортопедските помагала обезбедени на товар на ФЗО да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби, со можност за избор и со проверен квалитет
▪️ Адаптација на здравствените установи на сите нивоа за целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност
▪️ Воведување задолжителна и континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со попреченост, базирана на човекови права и достоинство
▪️ Унапредување на системот „Мој термин“ со механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лицата со зголемени потреби од поддршка
Инклузивното здравство не е опција туку тоа е предуслов за еднаквост, достоинство и одржлив здравствен систем.
Како организатори, остануваме посветени на продолжување на дијалогот и претворање на овие заклучоци во конкретни политики и реални промени. 🤝

ЗЛЦПДП - ВЕЛЕС

ОПШТЕСТВО СО ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА СИТЕ!

Социјални мрежи

© 2025 Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес