И ова лето продолжува една прекрасна традиција која веќе 14 години носи радост, дружење и нови животни искуства за лицата со попреченост од Македонија.
Во моментов, 18 лица со попреченост, заедно со своите родители, старатели, негуватели и придружници, престојуваат на рекреативно летување во Добре Воде, Црна Гора. Учесниците доаѓаат од Скопје, Велес, Штип и Струмица и се дел од биолошки семејства, како и претставници на НВО КРИК и ЈУ Завод за рехабилитација „Банско“.
Од 2012 година до денес, преку оваа активност на Здружението на лица со церебрална парализа, повеќе од 900 лица од Македонија добија можност да ги почувствуваат убавините на морето, да создадат нови пријателства, да стекнат поголема самодоверба и да бидат дел од средина исполнета со поддршка, почит и разбирање.
Овие денови не се само летен одмор. Тие се денови на заедништво, еднаквост, инклузија и потсетник дека секој човек заслужува можност да ужива, да се рекреира и да создава убави спомени.
Голема благодарност до организаторите – Хуманитарна фамилија и Ален Ефовиќ, кои со својата посветеност и хуманост овозможуваат оваа благородна мисија успешно да продолжува и да допира до сѐ поголем број луѓе.

