Летото е време за одмор, релаксација, дружење и создавање убави спомени. Но, можноста за одмор и рекреација е еднакво важна за сите, вклучително и за лицата со попреченост.
Членовите на “Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес” заедно со корисниците на социјалните услуги “Живеење со поддршка“ и „Лична асистенција“, имаа можност да го поминат летниот одмор во прекрасниот Дојран. 

За лицата со попреченост, ваквите моменти значат многу повеќе од само неколку денови поминати покрај езерото. Тие се можност за промена на секојдневната рутина, одмор од обврските, релаксација, дружење, стекнување нови искуства и зајакнување на чувството на припадност и самостојност.
Одморот има позитивно влијание врз физичката и психичката благосостојба. Заедничките активности овозможуваат поврзување, поддршка и создавање пријателства, а пристапноста и поддршката им даваат на лицата со попреченост можност активно и рамноправно да уживаат во слободното време.
Затоа што правото на одмор, рекреација и уживање во животот е право на секој човек. 
Благодарност до сите кои придонесоа овој одмор да биде исполнет со радост, поддршка и убави спомени. Благодарност до Фондација Ице Бегов за дружбата и посветеното време.
Заедно создаваме општество во кое секој има право да живее, да се дружи, да патува и да ужива – без бариери и без исклучување. 
